Monday, February 13, 2012

Sharing is caring!


Saturday, January 14, 2012

Буден сонувам во Париз


Бело-жолтеникави ѕидови...Сонце...развиорени завеси...

Соба како во соништата, соба која го исполнува духот. Мирисот на старото дрво, крцкавиот, но удобен кревет започна да се материјализира. Преминувам од една состојба во друга состојба на свест. Душата го започнува своето капење во тага и копнежот по штотуку изгубениот сон.

Погледот полека почна да се избиструва. Диоптерот се променува. Со тешка мака ги отворам своите очи на оваа пресилна светлина. Секојдневниот Сизифов ритуал на будење и свлечкување на моето тело како карпата на Сизиф од тешките постели и соочувањето на суровиот ден. А ноќта е толку мирна и прекрасна. Спокојна. 



Утринска доза Нескафе...и скапи француски цигари...

Поглед кон оддамна разбудениот Париз. Веќе беше пладне... Хармоничноста на нередот на улиците беше опојувачки. Можеби беше од комбинацијата на никотин и кофеин, не знам, но чувствата ми беа надразнети, опоени... дури зашеметени. 

Малиот дебел и ќелав Жан Лук довикува по некој Пиер кој е испиен како восок, со сив тен на лицето и кратка густа брада. Неговите далеку повисоки пропорции од оние на Жан Лук, ја правеа ситуацијата уште покомична, но нивните меѓусебни довикувања беа се освен комични. Најверојатно си караа мајка (и најверојатно се по список, бидејќи довикувањата беа долги), а од друга страна од излогот, две млади дами со сиви капути и кафеави плетени качкети, за кои си зедов слобода да ги прекрстам во Мари и Софи – купуваа некакви мали ѕидни слики од кај Пиер и се вџашуваа и кикотеа на острите тонови на газдата на галеријата. Сето тоа пропратено со свирките на малите количиња и пикапи од кои довикуваа мали и лути французинчиња...се претвораше во некоја какофонија од животни приказни, еден прекрасен хаос. 

Прекрасниот хаос на стрмната улица Rue Ravignan. 

Чувството на осаменост веќе преминува во чувство на нелагодност. Две недели од мојот престој во градот на светлината и сите ги поминав потполно сам. Решив да ставам крај на тоа чувство. Решив да се социјализирам. 
Се слушна тапо чукање на влезната врата. Погледнав низ „шпионката“ и здогледав девојка од петнаесет или шеснаесет години, која со голема торба нешто разнесуваше...Малку се потсредив...што ли ќе подсредуваш човеку?!...како дело од Пикасо кое се влечка на две нозе...сомнително ја отворив тешката врата.
- Les journaux, monsieur? – запраша со нејзиниот пискав глас, кој сигурен сум беше стрелачки вод за десетина неурони. Оние моите.
-   I don’t speak French – се насмевнав ...потечен како жаба во очите, разбушавена коса, со цигара на крајот од устата  и мојата типична идиотска мамурна насмевка.
- Do you…er want…er…news…papers, monsieur? – кимнав со главата и нормално мојата трапавост не познава граници... со пепел ја испотурив по раката кутрата девојка.  Таа само се насмевна ми ја зеде цигарата од уста...тргна најдлабоко што може, издиша и извика „No smoking, monsieur,...forbidden” се насмевна и одмавна со косата, го поднамести својот качкет и замина како што дојде.



Бев сместен на Rue Ravignan број 3. Бела зграда (една од милион во Париз), со две галерии сместени покрај влезот. На едната пишуваше Le Hun Brenner, а другата немаше назив, само една бела решетка која вечно беше спушетна до половина. „Изгледа прават попис“ си реков и продолжив со летаргичната прошетка.
Беше понеделник. Стресот смрди во секое лице наоколу. Само јас нонашалатно ги влечкав нозете по тротоарот и се насочив кон малата продавница Tabac каде што на големите зелени метални лимови беше напишано на Француски и Англиски „Поетско читање, Shakespeare and Company, Понеделник 19ч. 37 Rue Bucherie“
По десетминутното барање на улицата по старата и подискината мапа од Париз,  се запрепастив на далечината која треба да ја поминам за да стигнам до Шекспир и компанија...па и така немајќи што да правам, ги пуштив нозете и решив да го примам Париз со сите свои сетила...се разбира, сето тоа со малку побрзо темпона одење.
„Голема несреќа е да не можеш да бидеш сам“ напишал La Bruyere. За среќа бев од оние што среќата им се насмевнала, па мојата интровертна природа ме благословила со ненаситна сласт кон осаменоста. Никогаш не ги сфаќам луѓето кои сакаат да се изгубат во бесконечната толпа, да се туркаат, да довикуваат, да се гушкаат со стотина познаници и уште толку пропатни непознаници. Најчесто, добива човек етикета на асоцијално суштество, па се јавуваат и драстични примери кога луѓето те избегнуваат. Зарем мора сите да бидеме социјални суштества, склони кон секојдневно дружење, безцелно пиење кафе во кафулиња, безцелно дремење во ноќни глубови, лигавејќи се со некој евтин Коњак, Пелинковец, Вотка или не дај Боже Кока Кола, Спрајт или Швепс (оти тогаш сме на антибиотици, парацетамоли и други анти-боли пилули)? „Речиси сите несреќи ни доаѓаат од таму што не умееме да останеме дома, во својата соба“ вели еден друг мудред, познатиот Паскал (не онај програмскиот јазик). Неможам да ги сфатам и оние чии склоности кон реализација на своите планови, ги донесува до состојба на измачување. Плановите сами по себе претставуваат вистинско задоволство. Но, во свет на опседнатост со време, пари и материјални вредности, сонот е речиси забранет збор, табу и нешто на кое вредностите не би требало да се базираат.
Шетајќи така низ улиците на Париз, бев опоен од миризбите кои овој град ги нуди. Да, признавам, добар дел од нив беа дизел, бензин и по некој плин, ама во таа реа од прашина, издувни гасови, надоаѓаше и силната миризба на убаво кафе, вино, кроасани, тестенини и пред се насмеани лица. Кафулињата и во екот на работниот ден беа преполни со луѓе. 
Задоволството пред кое беа изложени моите очи ја облагодарија душата, го омекнаа срцето. Започнав да се заљубувам во овој град. Како провокативна љубовница, ми се протна низ решетката на емоционалната бариера. Се бев предал на нејзината убавина и им плукнав во лице на последиците од ова вртоглаво заљубување.
Часовникот на раката ми покажуваше 4pm кога врвев покрај Opéra Palais Garnier. Двочасовното талкање ги умори моите улежани нозе и решив своето попладневно кафе да го испијам покрај ова прекрасно здание. По долгото талкање како изгубен Германец, налетав на едно кафуле L’Entracte, ситуирано точно спроти Garnier. Цигарата веќе ми гореше во устата кога седнав на масичката поставена покрај улицата. Прво се каев што застанав на прометната улица, но бев маѓепсан од прекрасните ангелски скулптури на зградата како со крената рака покажуваат кон небото. Можеби кон Бога, можеби кон некоја будала спроти улица кој не гледа каде оди и си приморан да го слушаш татнежот на автомобилските сирени. По ѓаволите и со нив. 


Откако го наполнав резервоарот со кофеин, градите со тиња и никотин, го продолжив моето талкање кон Rue Bucherie број 37. 
Рагледувајќи ја целата оваа материјална убавина, ми се наметна темата за тоа како успева цел овој мермер, бетон и асфалт толку лесно да се испрелети и да добие една нова форма на убавината. Започнав да размислувам за човечката среќа. За мојата среќа. Сум читал секакви книги, истражувања, приказни по порталите на Интернет,...од оние погани автори кои пишуваат за тоа како луѓето да станат среќни, богати и мудри во рок од 24 часа. Како да успеат поуспешно да водат љубов со своите партнери и покрај тоа што немаат љубов помеѓу нив, само една морбидна поврзаност и страв од осаменост. Тие ќе се обидат да ве убедат дека вие сте детронизирани кралеви, убавици и секс богови во креветот (или задното седиште од автомобилот) на вашиот сопруг или сопруга, дечко или девојка. Ве оставаат во состојба на душевно бунило ...и интелектуална затапеност. 
Почувствував револт и гадење кон налудничавите верувања во среќата која доаѓа кога ќе исполниме некои адети, ќе ги запишеме на ливче нашите желби, гледање на турско кафе, како и попустото деноноќното носење на секси тоалета која наводно ќе го збудалела сопругот на некоја средновечна жена и покрај тоа што таа прелива со сало на сите страни во споредба со девојката со прекрасно тело која се сонча на само стотина метри од апартманот на „среќниот пар“. Револтот ги прошири своите граници. На мета на мојот гнев дојдоа и скапите автомобили, кои и покрај своите 500 КС, кои реално скоро никогаш неможеш да ги употребиш...освен кога преминуваат во 501, а таа една си ти...само не би рекол дека е коњска, него магарешка сила. 
Но, си ветив себе си, дека негативната енергија ќе ја оставам некаде далеку, далеку од тука. Сакав да се опојам од последните зраци на златната светлина, која полека преминуваше во розева, на крај да згасни во една сива нијасна помеѓу сина и црна боја, преминувајќи во потполна црнина исполнета само со мир и спокојство, над овој град исполнет со светлина и немир.
Часовникот покажуваше 6:50pm, а јас прелетувајќи со брзо темпо преминав преку Сена, на Pont Neuf, покрај Pont Saint-Michel и навистина убавиот Pont Petit и со ненормално чукање на срцето и убразано дишење стигнав пред Shakespeare and Co. Искрено,...очекував некоја грандиозна модернистичка библиотека, галерија исполнета со книги, умислени писатели, (надри)уметници, но она што видов беше она што навистина мојата душа мечтееше да го доживее - мала, стара антикварница со мувлосана врата, избледено дрво и книги, од кои некои беа три пати постари од мене, како гордо стојат исправени по безбројните полици. Уметниците, оние вистинските, и љубителите на пишаниот збор се наредија пред малата зградичка, исполенти со немир, за вечерашниот настан, кој според кажувањата на повеќето (а фала Богу сите зборуваа на Англиски), бил адет кој се извршувал скоро 90 години. 



Откако ги прочитав имињата и ги видов портретите на скоро сите познати писатели на 20-тиот век кои доаѓале и го посетувале ова место, почувствував како нозете веќе не ме додржуваат од возбуда. Проклети да бидат, се свиткаа под бремето на возбудата и уморот. Побарав столче да одморам и да го примам целото место, не преку физичкиот допир и поглед, туку преку она поважното, она што остава траен впечаток во вас. 
Ме упатија кон еден зафрлен дел од продавницата, каде на една црвена излитена табуретка, покрај недопиениот филџан кафе, за кој се исмачив да го поместам, а да не го испотурам, ги истурив коските... замижав и се прибрав себе си. Можеби делував како некој будистички свештеник кој прелетал во некоја боженствена димензија, но мирот ми беше неопходен. 
Полека дојдов на себе си. Боите, мирисот, допирот што го доживував низ целиот простор околу мене си го одработи своето.  Ја наведнав главата и си се насмевнав на сам себе си на ова безвезно чувство што ме обзеде.



Кревајќи го погледот на спротивната страна од оваа соба, креирана од три ормани полни со стари книги во форма на буквата П, седеше едно прекрасно суштество. 
На табуретка иста како мојата, седи идолот, господарката на моите долгогодишни соништа. Што по ѓаволите и таа бара тука? Зарем не знае дека за малку ќе добиев срцев удар заради моите и така истенчени нерви? Кој горе (или долу) си игра мајтап на моја сметка?! И така пред мене, поставена како на трон од занес и блудна страст, ...страст за бакнеж,  за љубов,  за емоции... за прегратка, стоеше таа...
Го знаете онај момент кој секогаш ви припаѓа само вам?...Никој, ни Бог, ни Ѓаволот, никој не знае што ви се случува и какви мисли прострујуваат низ вашиот ум и срце. Добивате желба да го споделите тој момент, сега ...токму сега, со личноста од спротива, која ни најмалку нема поим дека од спротивната страна се случува олуја, татнежи, ...емоционално цунами... од кое тешко дека ќе останете жив. 
Нејзините изразито зеленкасти очи, како пламен треперат во мене. Сувото грло и тешката голтка ме прават да се чувствувам лошо, заматено и безтелесно. Нејзината плава виткана коса полека се спушта по нејзините образи, а нејзината блага насмевка, која нема никакви допирни точки со реалноста, а е под влијание на зборовите во црвената книга која ја чита, насмевка која ги извиткува малите локни околу нејзините образи.
Во нејзината коса се кријат бескрајни мориња врз кои пустошат монсуни. Мирисот кој го испушта сакам да го вдишувам долго, долго. Да нурнам со целото лице, да поминам со прстите, да го бранувам тоа немирно море, да ги растргнам тие префинети и сложени линии.
Нејзиното тело, помалку свиткано со прекрасни и долги прекрстени нозе, врз кои нежно се потпира нејзиното сиво карирано здолниште и белата подраскопчана кошула  ги распламтува сите страсти што постојат во мене. 
Ако постои Купидон, не ме погодил со стрела,...овој пат....извадил тешка артилерија. Тенк! И тоа Руски! Што грчи, испушта страотни пеколни звуци, се вкопува во асфалтот и прави лом. Гранатата на Купидоновиот тенк ме погоди право во најранливата точка. Ме рани. Ме направи пепел.
Париз стана ирелевантен. Шекспир и неговата компанија нека одат по ѓаволите...она за кое што сум дојден веќе изгуби смисла. Универзумот се трансформира, она за што копнеам е пред мене. На само неколку чекори од мене.
Моето налудничаво бдеење како баба пред икона, и го привлече вниманието. Нејзините воздишки тешко ги креваа нејзините гради. Кокетираше со се што беше околу неа. Преправање кое можеби го научила од филмовите, под превезот на некаква си занесна меланхолија, кое во очите на другите, влева некое спротивно чувство од чувството на сожалување.
Го крена погледот од книгата, со палецот го означи делот до каде што стигна со читањето и ја превитка книгата. Ги познавам тие очи... ја знам нивната пакост. Поглед кој покорува, поглед кој те прави роб. Нејзин роб. За век...и веков. Ужас...ама убав, страдање... ама слатко, оган...без жар!
Полека и со несигурен од се доближив. Седнав на нискиот куп книги поставен покрај неа. Изустив нешто, најверојатно ќе да беше моето име или некоја друга глупост, ама таа важно се насмевна. 
„Мари...мило ми е“ и благо ја наклони главата, а Шекспировци си почнаа со своето читање. 
Ние?...Ние започнавме некое ново поглавје во нашата драма. Нова книга, нов почеток. 
„Во старата соба, на Rue Bucherie 37...една млада дама со име Мари...го забележа идиотот кој се џареше во неа...“
Останува на субдината да ја заврши оваа приказна,... за мене и Мари. Како пролетниот ветер што ги расфрлува цветовите на црешите, така и ние се предадовме на овој живот. Распрснати низ целиот воздух, но сепак заедно пловиме со облаците, со Сонцето и го обојуваме небото со бледа розева боја и предизвикуваме немир во секој оној што не гледа на небесното синило.







Видео за Битола!

Моја креација за Битола
Музика: Yann Tiersen !
Salut!


Sunday, January 8, 2012

Македонија - Dg. Rabidus Congregatio - Е фак ит!


Белата шола со топла вода чади пред мојот монитор. Безволно со најголеми маки го отворам малото пакетче еликсир – Nescafe 3 in 1. Чуда прави малото! И така таа кофеинска супа започнав да ја мешам со малото лажиче. Дневна доза Facebook офкорс. Рано наутро, сите полека почнаа да се пробудуваат. Добиваме поздрави за добро утро, добар ден, убав ден, уште малку некој ќе запее „Сакаме Раааама“ и се разбира првите утрински вести од македонските веб портали - оние најпопуларните, … „Како да го задоволите вашиот  дечко/сопруг за Нова Година“, „Која поза ја сакаат мажите“, „Како да дознаете дека ве сака?“, „Дали подобро да е подолг или поширок?“, ...тупење...тупење...тупееење...

Додека ги читам насловите на овие порталски фејсбукерски споделувања чувствувам како ми умираат неуроните во мозокот... Онака се распаѓаат. Испуштаат мал крик и умираат. Чувствувам како сета атмосфера ме дупи в мозок.  

Ми доаѓаше да вриснам (читај: да напишам некој револтирачки Facebook статсус со стегнат CAPS LOCK). Зошто по ѓаволите сме она што сме? Што би рекол Крсте Петков Мисирков „Шчо напраивме и шчо требит да напраиме за однапред“.

СР Македонија 1991. 

Започнаа по вести да даваат сцени од Словенија, ...хеликоптери,...тенкови, растрчани луѓе и 100-тина тули и малтер испопаѓани по улиците. Еден милион „милиционери“ со 101, Фиќовци и Фиатки како муви без глава се чудат што се случува, а наоколу и исто толку хермелини. Монотониот звук на нараторот те убива во поим. Стравот се дуплира од неговото бесчувствително читање на дописникот од Љубљана. 



Дома...смрди на страв. Старите се растрчаа во „Прехрана“ да купат една вреќа брашно, сол, шеќер и 50 литри масло. Притисоците се кренаа на милион со сто. Немир во куќата, коментари кои не смееја да излезат од дома и страв да не го земат татко ми во војска. Се колнеше, плукаше против сите оние кои беа против Југославија.  Не сакавме да се распадни. А не знаевме ни што ќе ни се случи. Оние малкуте „похрабри“ (читај: ВМРО-вци наклукани со приказните за Јордан Пиперката) јавно (на кафе) ќе се искажеа против Југославија, ама со страв и во доверба („Ама ова меѓу нас да остани“), а сега се чукаат в гради дека наводно биле по улиците пеејќи ја „Вмро...вмро“. 

Ситуацијата се искомплицира.

Одеднаш започна трендот на распаѓање на политичките системи (комунистичките држави). Понесени од виорот, но со поглед свртен наназад кон Југославија (особено Србија и Хрватска) тргнавме кон патот кон независноста, а во основа не од што сакавме, туку моравме. Тренд во светот, ...се плашевме од Милошевиќ, војна...глад...смрт...и избегавме од тоа друштво, а баш ни беше добро таму, ...за мерак... 

Како и се во нашата држава, трендот секогаш е на прво место. Па така и со политиката и економијата. Сите сакаа да се приватизираат, без да знаат што ги чека после таа приватизација. Од она што слушнаа,...сите сфатија дека некој ден ќе бидат газди, исто како денес што мислат сите ќе бидат научници, директори, секретари и некаде во странство во некоја си ЕУ мисија ...откако ќе завршат факултет – бидејќи власта тоа ни го труби секој ден (читај: Знаењето е сила – знаењето е моч!)

Fast Forward 1993-2012


Се случи приватизацијата, илијадници невработени, крадење, ЕУ мисии, ОБСЕ мисии, САД мисии. Ни солеа памет, ум, гомнарии и што ти не. Никна олигархијата, се продлабочи сиромаштијата, сардисани од сите страни што од ембарга, неможност да мрдниш од државата и пред се безпарицата, гушејќи се самите себе си од сопствениот прдеж (и малку странскиот) преминавме во војна 2001, атентати (два според мене) и креирање на двопартиска елита (наместо онаа еднопартиската). 

Илијадници телефонски повици по Бумбари, Здраво Македонија, Добро утро Македонија од пензионери и невработени. Плачат по стариот систем кога државата се сеќира за вработувањето на младите. Тој филм драги гледачи...нема да го гледате!

ЈУ носталгијата (онаа погрешната) ги премина сите граници. Кичерајот од пред селските кооперации премина и во градовите. Започна „на велико“ да се слуша турбо фолк, да се гледаат „Звезде Гранда“ да се читаат креми, пасти и секакви други културни напасти. Излегоа на телевизија трансвестити, педери, лезбејки, порно клипчиња од малолетници и сите сме среќни и задоволни (освен што не сме вработени) што живееме во демократија.

El Fiasco е она бегање од реалноста преку перачките машини наречени „турски/шпански/хрватски/бугарски“ серии на телевизија и илијадниците евра дадени за реклами на истите (наместо во добротворни цели за некое дете заболено од леукемија). 

Власта, да не остани покусо зад цел овој кич, започна да ни гради споменици, летниковци, палати. Градот се гуши , неможе да „дишЕ“ (читај: дишИ) , а ние влегуваме во барокот. Започнаа дури Бах да ни го пуштаат. А народецот? Народецот падна во делириум. Каде ли живееме? Каква трансформација... Вау...новиот Рим на Балканот. „Држ ме мајко се испострав...и то пролив!“

Ги ставив цвикерите (а.к.а наочарите) и со докторски занес, знаејки ја историјата на пациентот... воопшто не ми беше тешко да ја напишам дијагнозата „Dg. Rabidus Congregatio ” (лат. Лудо општество). АКУТНО!

И така во целата таа маштејнца од луѓе ќе најдеш еден мал процент од младите, кои на лицата им се отчитува “WTF!?”. Ама и на нив им го наоѓаат крајот. Несоодветно државно образование, откако ќе завршиш вистинска среќа е да најдеш плата за 200 еур, потреба од  партиска книшка. За надвор од државата, а и внатре – сме преквалификувани. Сите сме дипломирани, магистри,... со милион сертификати, ... а ни 5 мин. реална студентска пракса.

Си тониме полека ама сигурно. Како што мрдаме повеќе, уште повеќе тониме. Знаете, најчесто во лоши ситуации кога си пола во гомна... човек има надеж. Ќе помине некој добронамерник ...ќе ти подаде некоја гранка ќе се извлечиш, но тоа ниво одамна го поминавме.

Навистина жално, ама вистинито е што ни нема спас! 

Никогаш! 

Never…Ever! 

Освен во некое екстремно лошо балканско сценарио на поделба, на кое не сакам ни да помислам.

Сами сме си криви и никој друг. Не инвестирањето во вистинските морални и општествени вредности (притоа не мислам на патишта и железници) не направи она што сме. Неукоста (не формалното образование), менталитетот, дури и онај Стокхолмски синдром кој го имаме спрема политичарите не доведе во ова тереџе (дереџе). 

Како порака за крај:

Ниедно општество нема да се развива и да биде среќно доколку поголемиот дел од неговите членови се сиромашни и мизерни – Адам Смит. 

Паметен човек...

Ви благодарам на вниманието

Пријатно 

Tuesday, December 27, 2011

Anger - Нешто што напишав на 16 години!




ANGER


Flowers you cursed devils, point your heads to me,
Your viscous looks pointed to me, come and violate my Soul, look at me...
To me, die hornless one, raging like a crawl which lost its' sanity
With the shine of the Moon, from the blast of the Sun,
I travel on with my Life, a Life of dark obstacles.


From Heaven fireballs are falling, my Soul is dying,
Are there any people in this Adam and Eva's world crying?
The dark melancholy covers my body and Soul, I am the craziest of them all
From all who lost their sanity, from cradle till coffin, from Blood till muffin
From sucking your tongue to sucking a worm!


Drinking the virulent red wine, trying to figure out if Life is fine, 
living a vindictive Life, full with vim, how, how can I ever swim?
 To swim my Life, oh I hate that word, it is killing me, it is a knife! 
The wine transubstantiating in Blood, I feel like I am in some dirty mud!


Shanghaied to be tortured, shanghaied to be loved!
 Stoked by the shaft of Life, stroked by my bride!
 Living in a shadow, scald from happiness,
 that is my savour in my Life, satiated from this horror!


I am the salient, on the front of Death!
Embraced by Morena, embraced by Hades!
Fighting on the battlefields of Death, breathing the last precious breath.
The ruffian spoke His last words, the Ruler of the both Worlds!
His home in the skies, His dirt here is disguised, reviving the Evil in our Soul!


The revenue of Death is filling the Earth, six feet under from their birth,
 Retaliating for their miserable Life, the ghost hunt the dirty Souls, 
Trying to resuscitating their body, who are cursed by dieir God. 
Rendering the purpose of Life, Death takes out our minds, 
Giving us the Life less dimes, cheating, sluts and crimes.


Recrudescing my scar, recrudescing my wound
Wrenching this wound, who ever could,
Wrangling about money, gold I swore!
Oh you duffels you crazy duffels, what, what is your score?
You silly drabs, Evil is your dragoman, Life is your silly scam.


For your everything is a prank, doting your mind,
Trying to get something you will never find
That is your, your filthy mind, who is and will always be blind!
Oh, World, why are you stupid?
Living in the doldrums is my only hope, I don't, I don't want to awoke!




P.S I wrote this when I was 16 years old!

Македонија низ призмата на еден „домородец“!



Под дејство на: Correatown – All the World


Често се наоѓам себе си како бдеам во некоја точка, онака сосем рандом одбрана. Најчесто тоа е миленцето на телевизорот, некој постер, прекинувачот за сијалицата и други помалку важни објекти.
Секогаш во позадина постои некоја меланхолична мелодија, која е грижливо одбрана и ги поминува сите мои емотивни и ментални филтри додека се најде на YouTube плејлистата.
Термопечката фучи покрај мене. Белата неонска сијалица навидум дава некоја си реална природна светлина во собата, но сепак ми недостига жолтата светлина на Сонцето. Веќе е доцна за него. 22:42.


… Умот ми е некаде далеку, на моето омилено место во последните десетина години. Мојата ветена земја...поточно мојот ветен град – Париз.








Секој човек во себе има направено свој рај, каде се е како што треба, се е така убаво, смирено и бавно. Свет чист од гадотии, мали и бедни души, свет во кој вие сте апсолутен владател со вашиот живот и се она што вам ви се случува е волшебство од креативни моменти, моменти исполнети со љубов, емоции, страст, радост, хумор, а понекогаш и малку меланхолија која ќе даде еден баланс на убавината.


Грижливо сум го градел овој имагинарен Париз. Улиците. Мирисот на градот, светлината, тоновите на боите, ветерот кој е вечно присутен и ги нишка гранките, тонирањето на сива или жолта боја е постојано присутна во зависност од годишното време. Бидејќи сме на сред есен, замислете го овој град обоен во сите бои, со влажни улици, опојниот мирис на лисјата кои гнијат на асфалтот и постојаната потреба за топлина која допира до вашите коски и оддава топло чувство за потреба од топло кафе, чоколадо или чај.


Прекрасно нели?


Искрено никогаш не сакам да го напуштам овој свет. Сакам едноставно да заглавам, да не го вратам клучот од порталот и за век и веков да останам таму на тие улички, во тие кафулиња, пиејќи го моето омилено кафе кај имагинарниот messier Жан Лафон со голем стомак, проќелавена глава, смешна „свинска“ насмевка и секогаш насмеана дебела сопруга која од љубов го псуе постојано зошто доцни со порачките. Го знам дури и тонот на ѕвончето кога доаѓаат новите муштерии, мирисот на чоколадо, пециво и кафе испомешани во воздухот и топлината на самото кафуле.






После едночасовно шетање по тој свет, клучот од порталот преработува во форма на довикување, телефонски повик, па дури и звукот на нечиј водител, спикер на некоја од националните или локалните телевизии.


Започнуваат вестите. Веќе однапред знаеш за што ќе се препукуваат денес. Политика, кој за што е крив, зошто не чини здравството, судството, полицијата, образованието, земјоделството, сточарството, патиштата, железницата, „независното“ новинарство, тек –тук некое убивство, сообраќајка и се знае реклами за детергенти, возила, банки и осигуртелни компании.


... Ми се гади...


Погледнете околу вас (или ете замислете). Со 99,99% сигурност можам да тврдам дека на 50 метра од вас се наоѓа човек (без разлика дали е маж или жена),чиишто образовни, морални, естетски и општествени вредности се наоѓаат на минимум или далеку под тој минимум. Во основа тука е и проблемот. Клетката на нашето општество - ТИ.


За илустрација. Човек кој чита многу книги е ненормален, човек кој слуша рок музика (квоут „оние што ги мафтаат главите ко ненормални“) е ненормален , додека да се восхитувате на деколтето на Цеца (и слични на неа) е скрооос нормално. Човек кој има чуден смисол за хумор, вози чудна марка на возило, не носи модерна облека, не оди на правен или економски факултет, не сака да биде бизнисмен и не сака да има многу пари – е означен како шугав, ненормален, чуден, „уметник“, џаболебар, несоодветен за нивната ќерка или син, наркоман, нешто „му/и фали“ и слични кафе-муабетни дијагнози.


Супер... Гледате како бројот на овие луѓе се множат во вашата перцепција? Од неколку стануваат, стотина или илијадници. Доаѓа стадиумот на здружување во стадо – партии. Овчарот е лидерот, претседателите на општинските организации се кучињата, а рајата (членовите) се стадото овци. Ако си шута овца и не припаѓаш во никое стадо, никој не те сака. Дури и оние „понапредните“ кај младата генерација. Нивната општествена должност и допринос го гледаат низ искривениот диоптер - дека секој придонес во општеството е низ партискиот живот и партиската определеност.


...Арх ...Умот...чкртаница...


Дами и господа...проблемот е во самите нас.
Јас...ти...таа...тој... човекот со палтото што го гледате низ прозорот и комшивката што го пржи (читај:гори) кромидот на соседната тераса.


Простодушен, необразован, ограничен народ, без никаков компас за морални, етички, естетски и социјални вредности.


И не...не....придонесот во општеството не се прави преку политички партии, гледање на турско/индиски серии, кроењето план како да скратите плата од вработените за да го зголемите обемот на вашиот газ кој бара да се сонча на некое монденско место.


Ми се превртува во стомак, кога некоја ситна душичка се радува на споменици, мостови, а некој од дебелогазовците ги наполнал џебовите од проценти, местени тендери.


Ми се превртува во стомак, кога ме гледаат чудно дека плукам по сето она што има ниска вредност (турбо фолк, кич облека, заостанато патријахално воспитување, апатија кон материјалното, шпанско/турско/индиски серии)...


Ми се превртува во стомак, кога сфаќам дека нашата младина е толку ограничена и слепа, која навидум прифаќа американски модни трендови (потенцирано е ова модни) само да се почувствува дека е дел од светското движење во некаква си квази мода, квази размислување и сл., а реалноста е сосема поинаква.


Шлаг на тортата е што не знам, навистина не знам... како успеваме да го измолкниме најлошото од се. Филм, книга, разговор, дело, размислување...Секогаш сме тука присутни некого да жигосаме, навредиме, да го исполниме нашето его со ниски страсти и вредности, Пировата победа да биде најсјајна од сите и сите оние убави вредности само да ги препишеме на некоја далечна култура која е налудничава и на која на хартија им се восхитуваме.


Менатлното клопче и она клопчето во стомакот се повеќе и повеќе се замотуваат. Преминуваат во болка и тивко страдање. Повторно ја барам точката во моите безначајни предмети. Повторно потреба од Париз. Повторно потреба за мојот свет.



Хепи фуцкинг Њу Јиер!


Застанат покрај прозорот , шолјата топло чоколадно млеко, со пријатно чувство на горење на дланките, во потполна темница од шестиот спрат,...ја набљудувам Битола.
Сивата маглата стежнала врз градот со својата директна, загушлива, но пријатна миризба на огревно дрво и ќумур.






Снегот стигнал до колена. Звукот речиси да го нема. Апсолутна тишина. Радоста што навира во душата знаеш дека е споделена. Илијадници како тебе и младо и старо се радуваат на она што им се случува пред нивните очи. Одмор за душата,... рај за очите. Слатко умирање, уживајќи во својата немоќ да не се покори на ваквата боженствена убавина.


Она на што се радуваме е што светот се менува. Не е онај што го знаевме до вчера. Формите се други, куќите се други, автомобилите се поголеми, а улиците се потесни. Ја снема сивотијата на асфалтот, голотијата на дрвјата, црвенилото на покривите, ја снема монотијата на воздухот, сега таа е исполнета со замрзнати снегулки, магла и сурово студенило.


На телевизија се вртеа снимки од прекрасен замок, некаде во далечниот исток исполнет со злато по ѕидовите, дијаманти, слонови направени од злато, врати од три тона злато...


„Која галерија ќе би ја нарекол моето интимно катче?!“


Разгледувајќи ги деталите од таа палата, повторно погледав во белата пустина пред мене. Таа беше мирна. Спокојна. Не нудеше никаква обврска, правила, очекувања, задоволување на нечии стандари за успех, правилност или содржина. Помислив на Новата година, на новогодишните празници, на радоста, сјајот во очите на другите, кој за жал трае само неколку дена по овие празнувања, ако не и часови.


Неколку мига после дочекот, морето од сјај и радоста, наеднаш се заматува со монсуни од грижи за здебелување, за на крајот тој сон, таа илузија на безгрижност, радост и непостојност на времето, да се прекини кога треба да се вратиме во реалноста, дека за некој ден сета таа еуфорија се враќа повторно „во нормала“, нормала од која никако неможеме да избегаме.


Повторно во колективното лудило на секојдневната монотонија, да изработуваме дела, сработуваме задачи без наша волја, без нова идеа, без креативност, само да се дојде до оние книжни проклетници (пари) врз кои се изгравирани икони (која перверзија ако ме прашате мене), за да можете да го истуркате денот/неделата/месецот.


Пропаднати сме во очај, пропадните сме како луѓе, како поединци. Спасот го бараме во турските серии, натпреварите за физичка убавина, фудбалските натпревари и кладилниците, емисии за музички (анти)таленти, ...и сето тоа за одлично да функционира перачката машина на умови, без трунка свесност за она што ни се случува.
Нова Година ја замислуваме како вечер исполнета со пиење, ефтини трач муабети, 2 кила ракија (по човек), 50 ќебапи, 10 кременадли, шопска со 1 тон кромид и 20-тина кифлички смесени од мајките да не останиме гладни,... како и задолжителната музичка компилација од Ceca & Co. да ечи на малото тркалезно касетофончe, барајќи спас во силиконската прегратка на нејзините гради.






Во целата таа моја мизантропија, тоа мое чувство на одбивност на привидниот сјај на ова толку прекрсна глетка – заради некои декадентни умови, во целата таа виулица во полумракот на уличното светло се појави скитникот кој битолчани се навикнале да веќе и да го игнорираат.


Тоа беше стар човек, подгрбавен, испиен, изнемоштен, со долг сив капут, запуштена брада и коса. На крајот од својата усна држеше цигара која речиси гореше до самиот филтер и даваше слаба светлина на неговото набрчкано лице. Тресејќи се застана под една стреа и седна на ладниот мермерен плочник, кој се наоѓаше на задната страна од старата зграда на универзитетската библиотека. Се подаде со рацете по браникот на штотуку возениот автомобил за да се затопли. Во непосредна близина, поминуваа децата со своите санки , но не го забележуваа или можеби присуството на нивните родители ги правеа да се чувствуваат сигурно дека нема да бидат нападнати од страшилото што стои под стреата.


Неговиот длабок поглед, кој никогаш неможете да го заборавите, немо ги гледаше малите деца како се радуваат на снегот. Сјајот во неговите очи дека радоста е толку блиску до него, го исполнуваше. Неговиот гладен поглед покажуваше дека и тој сака да го почувствува тоа чувство. Сакаше и тој да се смее, да се чувствува безгрижно и радосно. Но, во тој момент погледот му се намршти. Веѓите се згуснаа. Се погледна надолу, сигурно прекорувајќи се себе за таа налудничава желба за радост... Се беше исклучил од светот ...Потполно... Беше сам, само тој и неговите мисли и малото цигарче кое го доби на милост од некои распрдени дечишта.


Почувствував како грлото ми се стега и ми се стори дека погледот ми се помати од солзите кои никако неможеа да се стркалат. Во исто време чувствував гнев, но и сожалување. Можеби бил некој голем човек, некој писател...Во неговиот голем опус имало генијални текстови, поеми, ... кои сега се некаде сокриени или предадени на некој далечен роднина или стојат во некој шкаф неоткриени од никого. Овој голем човек, ја надживеал својата генерација и останал сам,... без пријатели...без дом....без семејство... понижен во својата беда и на неблагодарноста на сите оние околу него. Сега темнее на белиот мермер чувствувајќи ја тежината на маглата.


Одненадеш заклучокот стана неизбежен...Тој нема да ја слави Новата Година. За него тоа ќе биде ноќ, кога ќе треба да се пази од испијанетите дебили (да не му прснат некоја срча во око кога ги пеат мелодиите на Цеца и кршат шишиња. Нека ми прости Цеца, сигурно образите и поцрвенале до сега), од ретардираните копилиња кои својата радост ја доживуваат со експлозиите на петардите и ноќ кога во погледот на небото пред неговите очи ќе излегуваат спомени за убавите денови кога бил млад со своето семејство.